Градоначалникот на општина Пустец- Албанија, Едмонд Темелко, заедно со 40 пензионери, денес го посетија Охрид и остварија средба со градоначалникот Александар Петрески. Двајцата градоначалници ја возобновија идејата сите општини кои припаѓаат на охридско – преспанскиот регион, инфраструктурно да и помогнат на општината Пустец, се со цел подобрување на уловите за живеење.


Идејата инфраструктурно да и се помогне на општина Пустец јас лично ќе ја презентирам на наредната средба на ЗЕЛС и ќе се заложам за реализација на еден ваков проект. Сите знаеме дека сега е време на криза, но малку помош од нас, за граѓаните на Пустец значи многу – истакна градоначалникот Александар Петрески.

Градоначалникот на Пустец, Едмон Темелко, изрази благодарност за гостопримството во Охрид и надеж дека вакви средби ќе има и во иднина.

Ние, Македонците во Република Албанија одсекогаш сме отворени за соработка и секојдневна комуникација со нашата матична држава. Денес поминавме прекрасен ден во Охрид, кој е навистина убав град со многу културно – историски споменици. За да ја запознаеш Македонија треба најпрво да го запознаеш Охрид – рече градоначалникот Едмонд Темелко.

OhridNews