Проблемот околу одлагањето и третманот на комуналниот отпад во Југозападниот плански регион ќе се решава преку изградба на меѓурегионална депонија во пелагониското село Новаци. Третманот на цврстиот отпад е и едно од прашањата што мора да биде решено доколку сериозни се декларираните намери да се задржи статусот на Охридскиот регион во УНЕСКО, како културно-историско и природно богатство од универзална вредност.

Од начинот како ќе се уреди собирањето и одлагањето односно соодветен третман на комуналниот отпад ќе зависи и тоа дали Охридскиот регион ќе се најде на листата светски кутурни и природни богатства во опасност. Решавањето на проблемот е побарано да се најде преку изградба на регионална депонија за собирање и третман на цврстиот отпад.

Градоначалникот на Дебрца, Зоран Ногачески и амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир после вчерашната средба изразија согласност за потребата од решавање на тоа прашање, демонстрираа свесност за важноста на начинот како ќе се развива регионот.

Благодарение на одлучноста на локалното население и локалната власт во Дебрца предводена од градоначалникот Ногачески, отфрлен беше првичниот проект предложен од ресорното на Министерството за животна средина и просторно планирање регионалната депонија за третман на комуналниот отпад да се изгради во атарот на селото Годивје.

Како алтернативно решение сега на маса е регонална депонија во Новаци, каде покрај отпадот од пелагонискиот би се собирал и третирал и отпадот од Југозападниот плански регион, односно и отпадот од општините Охрид, Струга и Дебрца.

Ногачески по вчерашната средба со евроамабасадорот Гир, рече дека проблемот со комуналниот отпад Општината Дебрца ќе го решава преку претоварната станица во Охрид, а на локалните власти во општината останува да обезбедат инвестиции за зајакнување на капацитетите на општинските јавни комунални претпријатија, односно подобрување на нивните ресурси за работа.

Она што го знам е дека процесот за решавање на тој проект ќе биде забрзан. Средствата како што истакна новата министерка за животна средина за тоа се обезбедени, дел се тоа кредити обезбедени од државата, дел е грантови односно неповратни средства. Се надевам дека овојпат сме на вистинскиот пат и дека до крајот на 2025 година ќе заврши тој процес со изградба на депонијата во Новаци, рече Ногачески.

Евроамбасадорот Гир согласен за итноста од потребата за решавање на прашањето со третманот на цврстиот отпад.

Тоа е голем предизвик со кој се соочува заедницата. На патот на евроинтеграцијата ќе мора да се спроведете голем број реформи токму во сферата на заштитатата на животната средина, вклучувајќи ги прашањата на цврстиот отпад и заштитата на водните ресурси. Ние како ЕУ ќе помогнеме и ќе ве поддржиме со фондови онолку колку што можеме, но многу повеќе ќе мора да се направи, со цел да се исполнат високите стандарди во контекст на заштитата на животната средина, рече Гир.

Амбасадорот на ЕУ и во текот на вчерашната посета на Општина Дебрца ја нагласи важноста од заштитата на регионот, неговото природно и културно-историско богатство.

Не е само моја оценка, туку и самото УНЕСКО истакнува дека овој регион изобилува со извноредни природно и културно-историско наследство што мора да биде заштитено, не само за иднината и напредокот на луѓето што живеат тука, туку и за Европа и целото човештво, рече Гир.

Како што посочи, изборот се сведува на две опции – или да се дозволи неконтролиран хаос, див развој со илегални градби, визија што ќе го уништи се она што го издвојува регионот заради што тој е прогласен за светско богатство или пак да се фокусираме на изнвонредна иднина, иднина во која ќе се сочуваат неговите вредности, каде ќе се разботи на контролиран развој на туризмот, како на бенефит на локалното населени така и на задоволство на целиот свет.

Останува да работиме заедно – централната власт, локалните власти, граѓанските здруженија, обичното население и секако бизнис-заедницата да соработуваат, се со цел да се обезбеди развој на регионот, а истовремено тој да биде заштитен. Ние сме тука да ве поддржиме колку што можеме, истакна евроамбасадорот Гир.

OhridNews