Реконструкцијата на улицата „АСНOМ“ што денеска ја започна градежното претпријатие „Илинден“ е само еден од предвидените инфраструктурни зафати што оваа есен ќе слeдат на територија на Општина Охрид, за што од градската каса ќе бидат издвоени 65.8  милиони денари, најави градоначалникот Константин Георгиески. Улицата „АСНОМ“ ќе биде целосно реконструирана од кружниот тек на булеварот „Туристичка“ до пресекот со улицата „Карпош Војвода“, за што градот ќе плати речиси девет милиони денари.

Во наредните два месеца, колку што е планирано да траат активностите, целосно ќе се реконструира коловозот на сообраќајницата, ќе се нивелираат шахтите и сливниците за атмосферска вода, a предвидена е и целосна замена на бетонските рабници. – рече Георгиески.

Градоначалникот најави дека по завршувањето на главната туристичка сезона во градот, за време на која биле завршени неопходните тендерските постапки, следуваат градежни активности на повеќе инфраструктурни проекти.

Предвидена е санација на ударни дупки низ сообраќајниците во градот со површина од 4,5 илјади метри квадратни, асфалтирање на тесни улички со вградување 1,550 тони асфалт, изградба на фекална канализација во населбата Рача, приклучоци кон канализациската мрежа на делови од приградските населби Лескоец, Лакочереј и Велгошти, потоа тампонирање на улици, изградба на потпорни ѕидови во Стар град и населба Елшани, изградба, реконструкција и поплочување на тротоари во површина од пет илјади метри квадрати. Потоа ќе биде извршено опремување на девет автобуски постојки, поставување велосипедски паркиралишта, реконструкција на големата сала и скалите на општинската зграда, уредување на пешачката патека на улицата „Коста Абраш“ со замена на плочките, односно уредување на малиот плоштад „Табана“. – истакна Георгиески.

Градоначалникот информираше дека повторени и при крај се тендерските постапки за поставување нови кровни конструкции на ОУ „Христо Узунов“ и подрачните училишта во Елшани – Коњско, како и во Лескајца. Реконструкција ќе има и на кровната конструкција на охридската гимназија. Наскоро ќе почне и целосна реконструкција на улицата „2“ што води од автобуската станица кон поранешната касарна во Охрид, додаде Георгиески.

OhridNews