Со купување на прехранбени производи и средства за хигиена, денес, градоначалникот Никола Бакрачески, секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески и директорите на јавните претпријатија се вклучија во хуманитарната акција по повод Денот на гладта, 16- ти октомври и Неделата на гладта која годинава се одржува под мотото „ Помислете и на нас“.
– Како и изминатите години така и годинава локалната самоуправа се приклучува и ја поддржува хуманитарната акција. Упатувам јавен повик до граѓаните, компаниите, бизнис заедницата, во рамки на своите можности, за што помасовно вклучување во акцијата за помош на социјално- загрозените семејства. Општина Охрид учествува и со донирање на 60 пакети со прехранбени производи што според стандардите на меѓународната организација на Црвен крст вклучуваат производи доволни за едномесечно прехранување на четиричлено семејство, рече градоначалникот Бакрачески кој напомна дека локалната самоуправа со низа мерки преку целата година ја помага оваа ранлива категорија на наши сограѓани.
Претседателот на општинскиот Црвен крст, Сашо Точков, изрази благодарност до сите хумани граѓани, организации и фирми кои одговориле на повикот за донирање.
– Во сите поголеми маркети во градот се собираат прехранбени производи и средства за хигиена кои се ставаат во видливо обележани корпи или се донира парични средства преку купување на вредносни бонови. Сите производи ќе бидат искористени за подготовка на пакети кои ќе им бидат доделени на социјално загрозените семејства, информира Точков.
Во општина Охрид има повеќе од 500 семејства кои имаат проблеми со прехранувањето и се на работ на егизстенција.
Т.К.
Охриѓани бидете хумани- донирајте за „ Неделата на борба против гладта“