Вршителот на должност градоначалник, Константин Георгиески, денес, во гинеколошкото одделение при охридската Општа болница, го посети Антонио, првото новороденче во новата 2019 и неговата мајка, 20-годишната Софија Бимбилоска.

Од градоначалникот, Антонио доби подарок- чек во износ од 10.000 денари како и пригодни подароци.

  • Сакам да испратам искрени честитки до семејството Бимбилоски за овој дар од Бога кој го добија први во Охрид во новата 2019. На малиот Антонио му посакувам среќен живот, исполнет со радост, среќа и успех. Децата се нашето најголемо богатство, тие се нашата водилка во животот и затоа сите заедно треба да продолжиме да ја унапредуваме нашата средина и заедница за да создадеме подобри услови за живот на децата и перспектива за во иднина. Годинава почна со машка рожба, што е предзнак на сила и бериќет и се надевам дека оваа 2019 ќе биде силна и бериќетна за Охрид, рече градоначалникот Георгиески.

Антонио се роди вчера, во 10.15 часот, со царски рез што го изврши д-р Боро Петрески.

  • Првото бебе родено годинава е здраво, машко бебе со тежина од 3600 грама, оценето со највисоки оценки во однос на параметрите на педијатрите. И мајката и бебето се добри, изјави д-р Петрески.

На гинеколошкото одделение во текот на вчерашниот ден се родило уште едно машко бебе.

OhridNews