Синоќа во старата чаршија во Охрид, градоначалникот Никола Бакрачески приреди ифтарска вечера за сограѓаните муслимани. 

Во договор со Муфтиството на ИВЗ од Охрид вечерата беше на отворено, а маси и столови беа поставени пред четири охридски ресторани кои се во сопственост на наши сограѓани од исламска вероисповед.

-Се договоривме со муфтивството овој настан во иднина да прерасне во традиција и да организираме уште вакви настани по други поводи. Сметам дека ова ќе биде добар поттик не само за верниците, туку и за организациите и асоцијациите од сите етникуми и мислам дека ова е добар пример кој треба да се следи, како граѓаните можат да живеат заедно почитувајќи ги традициите, верата и обичаите на комшијата, односно на другиот покрај нив.-изјави градоначалникот Бакрачески.

Од охридското муфтивство истакнаа дека ифтарската вечера во старата охридска чаршија е пример за соживот кој треба да се почитува и да се следи и во иднина.

На вечерата присуствуваа околу 300 граѓани, меѓу кои имаше и православни, а не изостанаа и туристи од странство кои едноставно се приклучија на заедничката вечера.

Настанот го проследи и една телевизиска станица од Турција.

OhridNews