Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески попладнево беше на увид  на пешачката патека кон Горица каде што се во тек подготвителните активности за реконструкција на првиот и третиот дел од патеката.    

Во моментов теренот се чисти и се обележува трасата по која што ќе се движи патеката по што ќе започнат градежните активности. Многу наскоро ќе почне реконструкцијата на третиот дел од патеката каде најпрво ќе се поставува атмосферската канализација, водоводна и електрична инсталација.

Третиот дел од патеката ќе ги содржи истите  инфраструктурни компоненти кои  веќе се  изградени во вториот дел. Во овој дел од изградбата се планираат да се опфатат 210 метри должина, а широчината на патеката ќе биде 12 метри. Целокупниот простор ќе биде соодветно инфратсуктурно уреден и поплочен со гранитни плочки. Во подоцниот дел од изградбата  ќе биде поставено и соодветно модерно јавно осветлување. Во првиот дел од реконструкцијата на патеката ќе бидат опфатени 200 метри по што целата патека од каналот до хотел „Парк“ ќе добие нов модерен лик со афтентични компоненти кои се карактеристични за Охрид.  

Инаку реконструкцијата на патеката со задоволство е прифатена од охриѓани и посетителите кои денес му пристапуваа, разговараа со градоначалникот и му упатуваа пофални зборови.

OhridNews