Градоначалникот Никола Бакрачески, секретарот на општината, заменик градоначалникот и претставници од стручните служби при локалната самоуправа, попладнево ги посетија локациите кои се најпогодени по синоќешното невреме во Охрид и околината. Како што информира градоначалникот, забележани се сериозни последици на неколку локации.

Овде на булеварот „ Железничка“  има повеќе поплавени куќи кои се веднаш под патот. Поплавите се поради обилните дождови, ниската положба на земјиштето, како и малиот капацитет на одводните канали кои ја дренираат водата од поголемите канали кај реките Грашница и Даљан. Екипи на јавните претпријатија после првите дојави се на терен и работаат на остранување на проблемите,изјави градоначалникот Бакрачески.

Жителите од поплавените домови со пумпи во текот на целата ноќ и попладнево се обидуваат да ја отстранат надојдената вода од своите дворови и куќи.

Во неколку куќи има вода, оштетена е покуќнина, со пумпи се влечи вода, но тоа не е решение, проблемот треба трајно да се реши. Веќе 20 години е исто, од кога го направија патот, се надевам дека конечно ќе се реши. Со чизми излегуваме од дома, во некои куќи има по 40 сантиметри вода, вели Јусуф Хоџа , жител на Железничка.

Поплавени се и куќи во населбата Даљан, на улицата Стив Наумов, Абас Емин, Дејан Војвода, каде проблемот се јавува при секои обилни врнежи.

Како резултат на големото невреме, поголеми одрони од камења и свлечишта има во Велгошти, каде кај основното училиште е наведнат и потпорен ѕид и е оштетена бандера, поради што има опасност од прекин на електрична енергија. Одрони и наноси од камења има и на патот Охрид- Св. Наум на потегот од хотел Метропол до Пештани, кај населбата Елешец и во Пештани.

Екипи на локалната самоуправа, од јавните претпријатија и противпожарната единица  се ангажирани во отстранување на последиците од невремето. Ги повикуваме и приватните компании кои имаат механизација да помогнат. Каналите беа исчистени пред почетокот на летото и по завршување на сезоната, но и покрај расчистувањето каналите не можеа да ја поднесат сета вода од синоќешните обилни врнежи, вели градоначалникот.

Се очекува да се извршат проценки на настанатите штети со цел да се обесштетат граѓаните.

Т.К.