Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески денеска беше дел од медицинскиот тим кој вршеше бесплатни здравствени прегледи на Охридскиот плоштад по повод Светскиот ден на срцето.
Тој заедно со своите колеги од Заводот за кардиоваскуларни заболувања овозможи бесплатно мерење на крвниот притисок и ЕКГ прегледи, а делеше и совети за подобро кардиоваскуларно здравје на сите заинтересирани граѓани.
-Би упатил апел до граѓаните да посветат повеќе внимание на градење на здрави животни навики, секогаш кога ќе имаат слободно време да го искористат за внесување на одредена доза на физичка активност од било кој облик препорачлив од докторите или оние кои се занимаваат со кардиоваскуларна медицина. За оние кои што веќе боледуваат од хипертензија односно бубрежни заболувања да внесуваат што помалку сол во исхраната. Исто така препорачливо е да се ограничи внесот на шеќер во исхраната и да се избегнува високо калоричната храна кај оние кои се гојазни пациенти и оние кои боледуваат од дијабет или забалувања на мозочните крвни садови. Превентивните прегледи се неопходни и секогаш кога граѓаните ќе сметаат дека имаат одредени симптоми кои може да упатуваат на кардиоваскуларно заболување да побараат помош од лекар и да ги направат неопходните прегледи, советува Бакрачески.
Светскиот ден на срцето има за цел да ја направи што подостапна информацијата дека срцевите заболувања и мозочните удари се водечка причина за смртност во светот и се одговорни за 17,3 милиони изгубени животи годишно.
Секоја година одбележувањето на овој ден има ралично мото кое рефлектира клучни прашања и теми поврзани со здравјето на срцето. Годинашното мото е „Создавања на околина за здраво срце“. Пораката е дека местата во кои живееме, работиме, се забавуваме не треба да ги зголемуваат ризиците за кардиоваскуларни заболувања.
Заводот за кардиоваскуларни заболувања е првата здравствена институција која пред повеќе години се вклучи во одбележувањето на овој ден, а трета година по ред активностите ги спроведува во соработка со општина Охрид.
OhridNews