Здружението за мултикултурна интеграција, ՛՛Инклузија՛՛ од Охрид, ја одржа граѓанската дебата на тема: ՛՛Каков градоначалник, сакаат Охриѓани? ՛՛, на која присуствуваа претставници на граѓански организации, политички партии, пратеници, советници и останати граѓани.

Панелисти на дискусијата беа Крсте Блажески од ХОТАМ, Трајче Талевски од граѓанската иницијатива Охрид SOS, Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид и претседател на општинскиот совет за безбедност во сообраќајот, Вахид Мемед, претседател на здружението ՛՛Инклузија՛՛ и младински работник, Павлина Тунтев – Ѓоршески, психолог, како и Кристина Тодороска – Петреска, драматург.

Крсте Блажески од ХОТАМ, рече дека во однос на туристичкиот сегмент, идниот градоначалник треба, пред се, да има значително висок степен на рабирање за дополнителниот туристички развој на Охрид, како и да се посвети на решавањето на проблемот со задолжителната реконструкција на пристаништето согласно со препораките на екологистите и на УНЕСКО.

Според Трајче Талевски од граѓанската иницијатива Охрид SOS, итно е потребно да се стави мораториум за легализирање на сите дивоградби покрај езерскиот брег, да се работи на регулирање на коритото на реката Сатеска, што треба да биде еден од најитните приоритети на новиот градоначалник. Тој рече дека на Охрид му треба градоначалник со високо развиена еколошка свест, кој ќе работи за чисти плажи и улици, чесен, натпартиски, градоначалник од народот и за народот, гостопримлив и транспарентен.

Вахид Мемед, претседател на здружението ՛՛Инклузија՛՛ рече дека идниот и секој нареден градоначалник потребно е во целост да ја разбере потребата од развој на граѓанскиот активизам во насока на креирање што поквалитетно локално општество и дека мора да има соодветна младинска политика, во која што ќе се пронајдат сите млади, за својата иднина да ја креираат тука и да даваат придонеси со нивниот интелектуален капацитет.

Психологот Павлина Тунтев – Ѓоршески, во нејзиниот профил на потенцијалниот градоначалник рече дека тој може да се бара и меѓу сите жени во градот, да понуди повеќе квалитетни содржини за младите но и за сите целни групи.

Стефан Димоски, претседател на Општинскиот совет за безбедност, вели дека сите идни градски челници мора да се посветат на унапредување и развој на урбаната безбедност како нов светски феномен кон кој се стремат сите големи и напредни градови, со цел намалување на зачестеното извршување кривични дела кои негативно се одразуваат врз развојот и посетеноста на градот. Тој нагласи дека новиот градоналник треба да се посвети и на работа за поголем ред во сообраќајот, посебно во текот на летниот период.

Кристина Тодороска – Петреска, драматург и граѓанска активистка на полето на културата рече дека на градот му треба градоначалник со силни етички принципи и со широки културолошки погледи, визионер кој ќе воспостави радикало одржливи перспективи.

Темата отвори голема дебата, на која присутните граѓани повеќе од час и половина дискутираа дека на охриѓани им е потребен градоначалник за сите, а не, како што рекоа, партиски послушник.

OhridNews