Повеќе од 1.000 луѓе се засолниле во театарот во опколениот украински град Мариупол, за кој се верува дека бил цел на руско бомбардирање, според градоначалникот Вадим Бојченко.
Тој ја објави информацијата на својот канал на Телеграм рано утринава, нарекувајќи го инцидентот „уште една трагедија“, пренесува ДПА.
Би-Би-Си истакнува дека со огромни букви на паркинзите од двете страни на бомбардираниот и целосно уништен театар во Мариупол, бил испишан зборот „дети“ (деца). Натписите се направени за да се гледаат од авион. Ова го покажуваат сателитски снимки направени од компанијата Махар пред два дена, објави Би-Би-Си.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во меѓувреме во видео порака рече дека луѓето, бегајќи од гранатирањето, побарале заштита во зградата и дека сега е уништена, но истакна дека сè уште нема информации за жртви.
Невладината организација Хјуман рајтс воч претходно соопшти дека „стотици цивили“ се засолнети во театарот.
Киев и Москва меѓусебно се обвинуваат за инцидентот, а украинската страна изјави дека станува збор за намерно руско бомбардирање, а Русија за нападот го обвини украинскиот националистички полк Азов.
ДПА истакнува дека не е можно да се проверат информациите од независен извор.
OhridNews