Вработените во образованието, науката и културата во понеделник стапуваат во генерален штрајк, најави СОНК. Ќе штрајкуваат и вработените во градинките и училиштата. Тие ќе доаѓаат на работа но настава нема да одржуваат. Во градинките и целодневната настава децата ќе бидат прифатени но нема да има воспитно образовни активности.
-Во прво време децата во градинките и целодневната настава ќе се примаат, но не е исклучено во натамошната фаза и таму штрајкот да се радикализира, изјави претседателот на Синдикатот за образование, наука и култтура-СОНК, Дојчин Цветаноски.
Синдикатот бара најдоцна до крајот на годинава да бидат потпишани колективните договори и сите да се применуваат од први јануари следната година, надоместокот за храна да се исплаќа во износ од 20 проценти од просечната плата на ниво на држава, а надоместокот за превоз да биде во висина на реалните трошоци на работникот што ги плаќа за одење до работното место и враќање дома. СОНК бара и трансформација на договорите за работа на вработените во образованието, науката и културата на определено време, во договори на неопределено време.
Одлуката за стапување во генерален штрајк во понеделник, СОНК ја соопшти откако петчасовната средба со претставниците на Министерството за образование и наука заврши без договор.