Неочекувано лесно и убедливо Тиквеш го совлада Охрид Лоте со високи 4-1, нанесувајќи им го првиот пораз сезонава на “Билјанини Извори”.  Со триумфот во Охрид, кој е втор на гостувањата , “лозарите” ја продолжија позитивната серија која трае пет кола (две победи и три ремија).


Изненадувањето се случи  на стартот уште во десеттата минута кога Стојанов со глава по ударот од аголот на Јаков ја затресе мрежата на Абди.  Примениот гол и тоа како ја разниша самодовербата кај охриѓани кои не успеаа да ја наметнат својата игра, а како плод на очајниот прв дел следуваше автоголот на Г.Стојаноски по комбинацијата на Вареловски и Костадиновски.

Серијата измени на полувремето ги разбуди “градежниците” кои набрзина намалија со дебитантскиот погодок во сино – белиот дрес на Арсовски, по  проигрувањето на Трајкоски.  По намалувањето , домаќините тргнаа посиловито кон голот на младинскиот репрезентативец Ефремов, но ударите со глава на М.Стојаноски и Арсовски не ја погодија целта.

Последниот адут на Трифуноски беше Стојкоски, кој му даде острина на нападот, но затоа пак се отвори голем простор за контранападите на гостите.

На десетина минути пред крајот по една таква акција Јаков изби сам пред Абди го матираше и стави крај на надежите на домашните дека ќе избегнат пораз.  Малубројната публика го напушти стадионот и единствено актерите на теренот го видоа последниот гол во судиското надополнување кој беше дело на резервистот Трипунов.

М.П.