Дел од градилиштата во Охрид и ова лето не прекинаа со работа, иако согласно одлуката на Советот на општината од 1 јули на сила е мораториум за градба во централното градско подрачје.


Жителите во близина на факултетот се жалат дека поради изведување на градежните работи на објект во соседството во главната туристичка сезона ги губат гостите. Повеќето жители од ул. „Партизанска“ издаваат соби за туристи кои поради бучавоста од градилиштето се незадоволни или си заминуваат, се жалат од Месната заедница Долна влашка маала. Тие сметаат дека градежниците во Охрид во месеците јули и август треба да се воздржат од работан и бараат надлежните да преземат мерки за решавање на проблемот.


Раководителот на комуналната инспекција, Танас Танасоски, ни изјави дека и покрај тоа што Советот има донесено одлука за мораториум на градба во летниот период, инспекциските служби не можат да ги санкционираат непослушните градежници. При издавањето на одобрение за градба никаде не е наведено дека градежникот е обврзан да ги запре работите во месеците јули и август. Дел од нив ја почитуваат одлуката на Советот и не работат преку лето, но дел, како во конктретниот случај, продолжуваат со работа и тоа сосема легално и законски, посочува Танасоски.

Ohridnews