Стопанската комора на Македонија на 5-ти идниот месец ќе објави повик за тренери – обучувачи кои ќе ги обучуваат градежните работници во Македонија за енергетска ефикасност, објавија националните медиуми. Тие ќе треба да имаат способности да го препознаваат претходното знаење на работниците во делот на енергетската ефикасност и да организираат обуки за оние без претходни знаења.

На повикот ќе може да аплицираат инженери, техничари и мајстори со квалификација 5Б од областа на градежништвото, машинството и електротехниката со искуство поголемо од 5 години од кои најмалку 2 во областа на енергетска ефикасност и познавање за Правилникот за енергетска карактеристики на згради. Предност ќе имаат оние кои веќе имаат сертификати за контролори и вработени во градежни фирми кои имаат направено градежни објекти и згради со „Енергетски пасош“.

Обуката е во рамките на проектот „Градење на капацитети на градежните работи“ (Build Up Skills) што го спроведува Комората, а го финансира Европската унија преку проектот за Интелегентна енергија. Главната цел на проектот е да ја подготви Македонија во делот на квалификација и преквалификација на градежни работници за полесно постигнување на параметрите на европската стратегија 20/20 за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија во градежниот сектор.

Во мај или јуни годинава ќе се објави повик градежните работници да аплицираат за препознавање на нивното претходно знаење, а од јули до септември ќе се спроведе процесот на препознавање. Целата постапка на препознавање ќе трае една недела. Во ноември, пак,  ќе се спроведе обука за оние кои воопшто немаат познавање за енергетска ефикасност, а би сакале да се стекнат со вештини.

OhridNews