Градежништвото во 2021 година по растот од 3,9 проценти во првите три месеци, во вториот и во третиот квартал забележа пад од 2,4 односно 1,5 проценти. Секторот, кој се соочи со поскапување на градежните материјали и помал обем на работа поради мораториумите за градба во претходниот период, постојано апелира за  повеќе работа и во нискоградбата и во високоградбата. Пазарот на недвижности, пак, и во минатата пандемиска година регистрираше зголемен обем на трансакции, а продолжи и поскапувањето на становите.

Градежната фела на крајот на минатата годината испорача барања до Владата за антикризни мерки заради порастот на цените на градежните производи и репроматеријалите при јавните набавки, каде е пропишана фиксна цена во тек на изведба и јавните набавки и каде единствен услов за нејзино добивање е најниската цена.

Од Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Македонија на крајот на минатата година побараа да се воведе повластена даночна стапка на данокот на додадена вредност од 5  проценти за прометот и за увозот на градежни производи, до стабилизирање на пазарот на градежни производи. Исто така, во новите постапки за доделување на договорите за јавни набавки на работи, во тендерската документација да се предвидува можност за корекција на цените, за да се овозможи договорите за јавни набавки да се изменуваат во случај на покачување на цените без спроведување нова постапка за јавна набавка. Во однос на склучените договори за јавни набавки, се бара Владата по примерот на некои земји во регионот (Република Хрватска) да ги повика договорните органи заедно со договорните страни да пристапат кон анализа на договорените единечни цени на градежни материјали и производи, за да ги утврдат ставките каде промената на цената по почетокот на пандемијата влијаела на нивно зголемување за повеќе од 10 проценти, по што врз основа на анализата потоа ќе пристапат кон измена на договорите.

Во моментов зголемените цени на градежните материјали се одразуваат во голема мерка и ќе се одразат уште повеќе на цената на становите. Во моментов се многу оштетени компаниите кои работат на јавни набавки во кои главен норматив за добивање на јавната набавка е минимална цена. Проблем се и јавните набавки каде е пропишана фиксна цена за целото време на траење на проектите, изјави Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали при Стопанската комора.

Според претседателот на Градежната комора при Стопанската комора на Северозападна Македонија Салим Хасани, градежните компани во периодот на Kовид-пандемија, иако со намален интензитет  работеа со позитивни биланси, но поголемиот развој зависи од отворањето нови инвестиции за стандардни градби, кои се неопходни да ги има во континуитет.

Сè помалиот број локации не оди во прилог на развојот на оваа многу важна гранка на економијата. Енормното покачување на цените на речиси сите компоненти од градбата кај инвеститорите создава резерви при планирање на идните градби, прашање е дали куповната моќ ќе може да го следи овој тренд на пораст на цени. И по логика, ако имаме намален број градби, ќе имаме поскапување на цените на становите, а од друга страна, намалување на обемот на работа за градежниците. А со тоа и неможност да ја задржиме работната сила, која секој ден ни бега во странство. Така што, наша сугестија е да се отворат што повеќе можности за градба, ќе биде подобро за сите, ќе имаме поголем развој, вбризгување повеќе пари во економијата, поевтини станови и поквалитетно живење, изјави Хасани.

OhridNews