По обелоденувањето на големата градежна афера во Охрид во која над 40 граѓани останаа и без пари и без станови, општинскиот Сектор за урбанизам упати предупредување до граѓаните да внимаваат при купување недвижнини.
Жртви на вакви измами афери стануваат граѓани кои веројатно во желба да дојдат до стан на атрактивна локација недоволно се информираат што всушност купуваат пред да потпишат било каков договор со инвеститорот, изјави во разговор за Ohridnews, Тихомир Дурнев – раководител на Сектор за урбанизам Охрид.
„Оној што им го продава станот- градителот, треба да поседува валидна документација која што се состои од одобрение за градба кое што е правосилно и потпишана и одобрена проектна документација каде што можат граѓаните да видат конкретно за кој објект се работи, за која локација, па и за кој стан конкретно се работи. Дури и ако склучуват некои преддоговори или договори граѓаните треба да инсистираат во нив да се внесат податоците од овие документи“, вели Дурнев.
Незаконската продажба на станови на двете атрактивни локации во центарот на градот, од страна на сопственикот на агенцијата за недвижности “Центар“ Милчо Најдески кој е во бегство, е прва таква градежна афера во Охрид. Најголемиот дел од оштетените граѓани имале преддоговори со инвеститорт заверени кај повеќе нотари, но тоа не е гаранција за валидноста на договорите доколку не постои законски заверена градежна документација предупредува Дурнев. „Како и што заверувале нотарите во конкретниот случај не би сакал да навлегувам тоа е работа на нотарите“ вели Дурнев.
Тој не очекува да се повтори ваква измама во Охрид. „Ова е прв и единствен ваков случај во Охрид. Сепак Охрид е помал град се знаат луѓето што градат и локациите, поготово поатрактивните и јас лично очекувам вакви случаи во иднина да не се повторуваат, меѓутоа тоа не може да го исклучиме во секој случај“, вели Дурнев.
атрактивна локација но не и сигурна-спорната зграда во стариот дел на Охрид
Како што е познато охридската полиција трага по Милчо Најдески кој се товари дека во зградата која требало да се изгради на ул. “Димитар Влахов“ на имот на бугарската државјанка,Јулиана Антова, осомничена за помагање, со вешта измама оштетил најмалку 20 граѓани. Тој еден ист стан продавал на повеќе лица, а на сличен начин оштетил и поголем број други граѓани кои авансно му платиле за стан во новоградба во центарот на Охрид.
СВР Охрид соопшти дека бројот на оштетени граѓани секојдневно расте од сите краишта на Македонија. Осомничениот како што соопшти полицијата се наоѓа во странство и по него се трага.
Горан Момироски