На 3-ти април со свеченост на која присуствуваа вицепремиерот Зоран Ставрски и градоначалникот Никола Бакрачески, беше означен стартот на градежните работи за реконструкција на улицата „Питу Гули“. Но оттогаш наваму на терен речиси да нема никакви активности, а ја нема ниту градежната механизација.
Градоначалникот Бакрачески вели дека градежните активности ќе се интензивираат од понеделник.
-Од изведувачите на градежните работи и нивните подизведувачи добив уверување дека oд понеделник веќе почнуваат да се интензивираат градежните работи и уверување дека после мерењата кои што ќе се спроведат на терен, со оглед на тоа дека има голем број на излези и влезови на таа улица, ние се трудиме да најдеме современо решение да не изгледа хаотично во делот на регулирањето на влезовите и излезите од улицата, по што веднаш ќе почнат интензивни градежни активности, изјави градоначалникот Бакрачески.
Овој проект се реализира со кредит од Светска банка, во рамки на кој покрај реконструкција на коловозот и тротоарите на ул „Питу Гули“, ќе бидат изградени уште два кружни тека на пресекот помеѓу булевар „Туристичка“ и ул. „Македонски просветители“ и помеѓу „Туристичка“ и „Бистрица“, кој почна да се реализира од вчера. Исто така ќе биде реконструирана ул. „Ристо Чадо“ заедно со атмосферска канализација, ул. „Илија Смически“ во с. Лескоец, како и уште пет улички во населбите Воска и Даљан со атмосферска канализација, а веќе се реализира реконструкцијата на патот од Елешец кон Елшани.
OhridNews