СВР Охрид поднесе кривична пријава против Р.Љ. (1969) од Република Албанија и Ј.Ч.(1967) од Охрид, поради основано сомнение дека сториле кривично дело „грабнување“.

На 18 септември во 12 часот на ул.„Туристичка“ во близина на ресторанот „Папу“, оштетениот З.А. од Република Албанија бил паркиран со своето ПМВ „Мерцедес“ со албански национални ознаки. Во возилото влегол првопријавениот кој физички го нападнал, удирајќи го со боксови и му наредил да вози кон планината Галичица. Кога стигнале во близина на место викано „Корита“, првопријавениот по мобилен телефон контактирал со второпријавениот, кој по извесно време дошол со друго ПМВ. Второпријавениот со себе носел пиштол кој му го дал на Р.Љ., а тој му го вперил во глава на оштетениот и му наредил да излезе од возилото. Во возилото на оштетениот влегол Ј.Ч. и заминал. Првопријавениот и оштетениот пешки се симнале до регионалниот пат Охрид-Св.Наум при што Р.Љ. повикал две лица од Охрид, кои дошле и со ПМВ ги префрлиле до домот на Ј.Ч. Потоа прво и второпријавениот го заклучиле З.А, во една од собите, а наредниот ден околу 08.00 часот му наредиле да обезбеди 1.200 евра, доколку си го сака назад возилото. За тоа му оставиле време до вечерта 21 часот и 30 минути, кога требале да се сретнат зад хотелот „Клинтон-Палас“ во Струга. Оштетениот обезбедил пари и во договореното време отишол на посоченото место, но пријавените не се појавиле, по што одлучил случајот да го пријави во полиција.

По преземените оперативни мерки од страна на СВР  Охрид, приведен е Ј.Ч., а кај него дома е пронајден и пиштолот-запалка со кој што е извршено делото. Тој е изнесен пред истражен судија од чија страна му е одредена мерка притвор во времетраење од 30 дена. Првопријавениот е во бегство и по него се трага.

извор:
МВР