Еден месец по завршување на градежниte работи за реконструкција на булеварот „Туристичка“, кои траеја подолг период, голем број граѓани од станбените објекти на потегот од населбата Лескајца до излезот за Скопје се’ уште чекаат да добијат пристап до домовите. Имено, при реконструкцијата беа отстранети сите пристапни косини пред зградите, а по завршување на асфалтирањето истите не беа повторно изградени.
Граѓаните кои живеат во овој дел на градот се жалат дека се игнорирани од надлежните институции и служби, поради што се приморани сами да прават импровизирани пристапи, а дел автомобилите ги паркираат на булеварот и на тротоарите, со што се загрозува безбедноста на сообраќајот.
Жители од станбените згради велат дека преку еден месец испраќаат барање до Општина Охрид да го реши проблемот со влезовите на булеварот „Туристичка“, но до сега не добиле никаков одговор, поради што помош побарале од правобранителот, за што исто така ја известиле локалната самоуправа.
Поради викендот не успеавме да обезбедиме став од надлежните служби за проблемот кој засега неколку стотини граѓани на булеварот „Туристичка“.
OhridNews