Граѓаните ја оцениле работата на Владата во првите 100 дена со средна оценка 2,44 од 5, покажуваат резултатите од последното истражување на Македонскиот центар за меќународна соработка – МЦМС „100 дена Влада“.
Според истражувањето, Владата во првите 100 дена не ги исполнила очекувањата на мнозинството граѓани (65,1%), а ги исполнила за една третина од граѓаните (33%). Очекувањата на граѓаните најмногу се исполнети во областа на безбедност и одбрана, а најмалку во економија и правда.ж
Речиси една четвртина од граѓаните (23%) целосно се разочарани од сите подрачја, додека пак незначително малцинство од 4,7% не се разочарани од ниту едно подрачје. Граѓаните се разочарани во областа на економија (13,9%), здравство (10,6%), надворешните работи и дипломатија (8,5%) и правда (8,2%).
Според граѓаните заменикот на претседатлот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи најдобро си ја врши својата работа, а најлошо ја вршат министерот за правда, Никола Тупанчески и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.
Квалитетот на живот во последната година е влошен за мнозинство граѓани (58,7%), за мало малцинство (29%) останал ист, а подобрен е за незначително малцинство граѓани (10,7%).
Иако една третина од граѓаните (34,2%) имаат доверба во Владата, сепак мнозинството граѓани (63,7%) немаат доверба. Околу половина граѓани (51,8%) веруваат дека земјата се движи во погрешна насока, повеќе од четвртина (27,4%) дека земјата се наоѓа во статус кво, а мало малцинство (16,8%) дека се движи во правилна насока.
Најважните проблеми со кои се соочува земјата се сиромаштијата и невработеноста (30%) и корупцијата и криминалот (25,9%). Во низата на проблеми со кои се соочува земјата потоа следуваат економската ситуација (13,9%) и иселувањето на младите (13,5%).
Мнозинство граѓани (55,1%) веруваат дека економијата ќе се влоши во следните две години.
Малцинство граѓани (36,3%) изјавиле дека се потребни предвремени парламентарни избори, малцинство (30,4%) дека е потребна целосна мобилизација за надминување на предизвиците и формирање широка коалиција на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а мало малцинство (23,3%) изјавиле дека сегашната влада има сила и способност да продолжи и успешно да ја води земјата.
Преовладува политичката поларизација на ставовите за повеќето прашања, особено кај двете најголеми политички партии. Перцепцијата е исклучително спротивна кај партиските симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, стои во заклучоците од спроведеното истражување на МЦМС.
OhridNews