Каналот кај Студенчишкото блато и просторот помеѓу населбите Воска и Далјан, се меѓу можните локации кои се разгледуваат за изградба на марина на Охридското езеро. Денес, по иницијатива на локалната самоуправа се одржа јавна расправа на која зедоа учество претставници од локалната самоуправа, од владата, еколошки и граѓански здруженија, научни работници, кои расправаа токму за потребата од изградба, но и соодветната локација која ќе биде најпогодна за сопствениците на пловни објекти, а нема да предизвика нарушување на животната средина.
Од Капетанијата на пристаништа укажуваат дека со оглед на големиот број пловни објекти, а малку простор и услови за нивно паркирање, сервис и безбедно точење гориво, неопходна е што поскора реализација на проектот.
- Долги години се зборува за потребата од изградба на соодветна марина на Охридското Езеро, но време е за конкретна акција на сите општествени чинители за решавање на ова инфраструктурно прашање од исклучитечна важност не само за водниот сообраќај, туку и за развој на туризмот и заштита на животната средина. Проектот сам по себе не треба да биде мегаломански за да одземе многу време и огромни средства. Јас лично не можам да оправдам навлегување во езерото, поголем грев е навлегување во езерото отколку да се ископа еден дел кој можеби е направен некогаш во минатото вештачки, тоа е оној дел кај центарот за обука на вода на АРМ, вели Горан Устијаноски, раководител на Капетанија на пристаништата.
Љубителите на едиличарството, побараа градот да се откаже од проектот за реконструкција на кејот, а парите да ги насочи кон поддршка на еколошките пловила и изградба на потребната инфраструктура и марина на Охридското Езеро кај Студенчишко блато.
- Укинување на забраната за ноќно пловење, отстранување на бовите или поставување светлосна сиггнализација, ослободување на дел од пристаништето за укотвување на едрилиците, намалување на царината на 0% и ДДВ на 5% при увоз на едилици како еколошки пловни објекти, стопирње на проектот за реконструкција на кејот и пренамена на средатвата за решавање на горливите и итни програми како: изградба на десниот крак на пристаништето, недовршен проект од минатото, изградба на валобран лево и десно од остовчето пред хотел Палас, дислокација на полицијата и уредување на просторот лево и десно од мостот за укотвување на едрилици, дислокација на АРМ и проширување на тој дел за изградба на марина, пробивање на цевки за дотур на свежа вода за ревитализација на блатото и изградба на пристаниште во Струга и на повеќе локации в долж брегот на Охридското Езеро, како Трпејца, Пештани, Радожда и пред сите хотели на ривиерата, истакна Будимир Соколовиќ.
Стручните лица од Хидробиолошкиот завод и екологистите, се против идејата за изградба на марина во каналот Студенчишта. Како што велат, со тоа би се загрозил еко системот и живиот свет во него, а не е поволна ниту конфигурацијата на теренот. Тие предлагаат марината да биде лоцирана на просторот помеѓу населбите Воска и Далјан.
- Местото е пристапно за пловни објекти, но и за возила и приколици. Може да се донесе цистерна која ќе се користи директно за точење гориво во самите пловни објекти, а не како до сега кога се носеше горивото во пластични канти и се излеваше во водата од каналот, вели екологистот Љупчо Стојкоски.
Јавната расправа се случува во време кога виси статусот на Охрид во УНЕСКО. Градоначалникот Константин Георгиески, смета дека секогаш е време да се разговара за решенија за проблемите на Охридското Езеро, вклучително и за марината.
- Секогаш е време да се разговара за унапредување на состојбите во Охридското езеро. Ако сметате дека состојбата каква што е сега во каналот е соодветна, тогаш нема потреба да се разговара, рече градоначалникот.
Претставникот на владата, Дејан Николоски, советник на премиерот Заев, најави поддршка за проектот за изградба на марина и подобрување на инфраструктурата на Охридското Езеро, појаснувајќи дека конечното решение ќе биде производ на сеопфатна стручна расправа и врз основа на издржана физибилити студија која внимателно ќе се подготвува во идниот период.
- Овде сме за да ги слушнеме мислењата на граѓанскиот сектор и луѓето кои се соочени со ваквите проблеми. Дискутираме каде ќе биде најидеалното место за изградба. Во текот на дискусијата имаше три до четири идеи каде може да биде изградена марината. Сите овие предлози ќе бидат земени во предвид и анализирани со цел да се види како ќе се развива концептот, смета Николоски.
Доколку интензивно сe работи во наредниот период, конечната реализација на овој проект би можела да се очекува за период од пет години.
Ohridnews