Со поголема едукација и медиумска писменост граѓаните да ги препознаат лажните вести, е целта на проектот „Гледај, читај, счушај и мисли со своја глава-Едукација за медиумска писменост“ што денес беше промовиран во Охрид.
Како што потенцираат носителите на проектот, Здружението за мултикултурна интеграција „Инклузија“ и регионалната телевизија ТВМ Охрид, состојбата со лажните вести е алармантна. Голем е бројот на граѓани кои не ги проверуваат пласираните информации и веруваат во се што ќе прочитаат на интернет.
- Токму преку промовирање на концептот на медиумска писменост целта е да го поттикнеме локалното население на еден поактивен однос во иницирање промени во заедницата преку користење на придобивките од медиумите. Граѓанинот е претворен во сунѓер за впивање на медиумските производи. Не само што не успева да се снајде во хаосот од информации, да препознае која е вистината, објективна, целосна, а која е манипулативна. Но не е свесен за сопствената моќ дека може, градејќи критички став за настаните и случувањата, да биде поактивен во општествените процеси. Граѓаните во голем број немаат вештини за пристап и активно и креативно користење на медиумите, посебно интернетот и другите дигитални комуникациски технологии, немаат изградено критичка перцепција и навика за анализа на содржините, па се јавува недоверба кон медиумите, рече Вахид Мемед претседател на Здружението „Инклузија“ и координатор на проектот.
Во рамки на проектот се предвидени повеќе активности меѓу кои обука на двајца средошколци, истакна новинарката Соња Рилковска, ментор на проектот.
- Во рамки на проектот се предвидени повеќе активности меѓу кои обука на двајца средошколци избрани по претходно објавен конкурс, тоа се Ивана Петреска и Сезар Сади од охридската гимназија. Ќе имаат обука во ТВМ, ќе учат за медиумска писменост, а потоа и сами ќе бидат новинари, ќе прават интервјуа. Целта е да го поттикнеме граѓанинот критички да размислува во мноштво информации да ја избере вистинската, да се бараат фактите. Проектот ќе биде заокружен со тркалезна маса со цел сите заедно да се обидеме да ги поттикнеме капацитетите на здруженијата на граѓани и медиумите за подигнување на нивото на медиумска писменост во целиот регион, рече Рилковска.
Претседателот на регионалната канцеларија на ЗНМ, Горан Момироски, потенцира дека медиумската заедница, но и заедницата воопшто денес во Македонија се исправени пред сериозен предизвик-да го заштитат својот интегритет и професија и за изнајдат начин како да се справат со лажните вести.
- Не може да зборуваме за професионални медиуми со новинари кои едвај егзистираат. Не може да зборуваме за професионални медиуми без импресум, без канцеларии, еден човек редакции, копи пејст и пижама новинари и сите тие да се исти на пазарот. Не може да зборуваме за професионални медиуми, доколку личниот, бизнис или некаков друг интерес е пред јавниот. Не може да зборуваме за професионални медиуми кога сопственици, кои не се новинари или лица кои не излегле на терен и не направиле вест, се главни уредници, рецензираат, цензурираат, ако сакате отворено, сечат, лепат и монтираат. Затоа имаме проблем и со лажните вести и со лажните медиуми. Оттаму час поскоро треба да го исчистиме огледалото, оти во спротивно рефлексијата и натаму ќе биде искривена, а тоа не се вистински вредности во едно демократско општество кон кое целиме, рече Момироски.
Проектот „Гледај, читај, слушај и мисли со своја глава – Едукација за медиумска писменост“, следните пет месеци, освен во Охрид, ќе се спроведува и на територијата на општините Струга, Дебарца и Вевчани.
OhridNews