Граѓани во допис до нашиот медиум се жалат на смет на плажата Горица 3. Велат плажата изгледа ужасно, нема корпи за отпадоци. Прашуваат дали комуналните служби чистат наутро.

И покрај тоа што велиме дека туристите го загадуваат градот, конкретно на плажата Горица 3 нема ниту една корпа за отпадоци. Плажата изгледа ужасно со смет, воопшто не разбираме дали не е обврска на Комуналното претпријатие наутро да ги средуваат плажите, се наведува во дописот.

Од ЈП „Охридски Комуналец“ потенцираат дека плажата Горица 3 се чисти секое утро, корпи за отпадоци има, но, за жал, свеста кај поедици за одржување на јавната хигиена е многу ниска.

На плажата Горица 3 се поставени канти од 120 литри за депонирање на комунален отпад и тоа на 5 позиции по 2 канти, вкупно 10 канти. Нашите дежурни служби секој ден во периодот од 05.00 часот до 11.00 часот ја чистат плажата од расфрлан отпад од несовесно однесување на поединци и ги празнат кантите. Исто така, на паркинг просторот се поставени и контејнери за депонирање на комунален отпад, посочува раководителот на Одделение за јавна хигиена при ЈП „Охридски Комуналец“, Стефчо Маслов.

Искуството од минатите години говори дека сметот како на плажите така и на другите јавни површини, во летниот период, кога е зголемен бројот на туристи, посебно во шпицот од сезоната, за жал е секојдневие. И сведоци сме дека активностите за одржување на јавната чистота и хигиена се зголемени како во однос на ангажирање на работници така и во однос на активирање на возила и опрема, но сепак мора да проработи и свеста кај граѓаните.

Н.С.Ј.