Од година во година расте бројот на пловни објекти на Охридското Езеро. Некогаш во мода беа кајчињата, па бродовите, се донесоа голем број глисери и брзи чамци, а потоа и скутерите за кои на сила е ограничување поради несовесна употреба од поединци. Последниве години се поголем е интересот за таканаречените „катамарани“ чиј број расте. Сите овие пловни објекти на Охридското Езеро користат мотори на внатрешно согорување. Исклучок се само одредени едрилици.

Ако се има предвид дека Охридското Езеро е затворен воден систем, а не отворено море и дека е заштитено светско природно наследство со ретки ендемски видови, логично се наметнува прашањето колку и какви пловни објекти може да има на езерото, со каков погон, дали и какви еколошки стандарди имаме, и најважно, какви закони имаме и што велат тие.

Охридњуз изминатиот период спроведе анкета за сопствени потреби, во која ги прашавме граѓаните: „Дали треба да се регулира/ограничи бројот на пловни објекти на Охридското Езеро?“ Мнозинството од 2877 учесници во анкетата, односно 82%  (2368) одговориле потврдно (Да) дека треба да се регулира/ограничи бројот на пловни објекти, додека 509 анкетирани или 18%, одговориле со Не, осносно сметаат дека нема потреба од регулирање на оваа област.

Што велат надлежните?

Според Горан Устијаноски, раководител на Капетанијата на пристаништата, неуставно е да се ограничува бројот на пловни објекти во Охридско Езеро, бидејќи на тој начин се загрозува слободата на граѓаните. Ограничувања можат да се направат само врз основа на технички, посебно еколошки стандарди при увоз на пловните објекти, додава првиот човек на Капетанијата.

Ограничувањето на бројот на пловни објекти во буквална смисла е неуставна работа. Не можете да кажете дека на пример во Охридско Езеро ќе има 200 или 300 пловни објекти. Сите ние како граѓани имаме еднакво уставно право да имаме автомобил, пловен објект, мотоцикл… Ограничувањето единствено може да биде земено во предвид преку воведување строги еколошки стандарди при увоз на половни пловни објекти, какви половни пловни објекти можат да се увезат со кој стандард на мотори, вели Устијаноски.

Што може да се направи?

Тоа што ќе дојде и треба да се направи, вели, е ограничување на увоз на поволни пловни објекти и евентуално за одредено скоро време како што се движиме кон усогласување на регулативата кон Европската Унија да се направи една скала на пловни објекти со постар датум на производство и пониски еколошки стандарди кои се регистрираат, до кога ќе може да се регистрираат и кога ќе отпаднат од можноста за нивна регистрација.

Но, тоа не може да настане веднаш и ова не потпаѓа само под Законот за пловидба. Еколошките стандарди на моторите ги дава Бирото за метрологија на Министерството за економија, потоа тука е Царината при увозот и нормално Капетанија за регистрирање. Ние ќе имаме увид со ова дека пловниот објек кој иако е увезен во Македонија може да служи само за резервни делови, но да се регистрира и оспособи за пловидба не. Активно се разговара на овие теми, да бидеме сигурни дека ќе дојдат како што се приближуваме кон ЕУ. Регулативите се тие што мора да ги прифаќаме во дел или целосно и тие неминовно одат кон ова регулирање на пловните објекти.

Следи анализа

Имаме, потецира Устијаноски, едно задолжение од Владата на РСМ со кое ќе се изврши анализа на бројот, типот и карактерот на пловните објекти и тоа ќе го направиме со цел потоа да се изврши анализа за притисокот кој го создаваат врз животната средина.

Во нашиот регистер има преку три илјади пловни објекти. Оние законски процедури кои сега треба да ги поминат пловните објекти се доста лабави, може да се увезе и поволен чамец произведен во 80, 90-тите, но и тоа не е некоја огромна бројка годишно можеби до 20-30. Регистерот е за цела држава. Времето на користење на пловни објекти во текот на годината во Охридско Езеро е многу краток и се однесува на тие месец ипол до два интензивно во време на шпицот на наутичката сезона за рекреативците, почнува некаде од 1 јули максимум до крајот на август. Сите регистрани пловни објекти во еден убав викенд и оние што се приврзани на Охридско Езеро во шпиц на сезоната сигурно не се сите 100% во езерото. И во овој момент цврсто Ве уверувам дека не постои никаква опасност од пловните објекти за Охридско Езеро. Би постоела потенцијално опаснот ако наутичката сезона е преку целата година и доколку бројот на пловни објекти констатно се зголемува ама низ цела година. Овде имаме краток период.

Во поглед на изминатата сезона вели дека немало несреќи со повредени луѓе или недајбоже несреќи со фатални последици, а максимално се трудат да го регулираат сообраќајот и да ги санкционираат недостатоците.

Н.С.Ј.

Следна анкета:

Дали правите зимница?