Незадоволни од високите цени граѓаните на Македонија денеска најавија бојкот на маркетите. По примерот на Хрватска, на социјалните мрежи деновиве беше покрената иницијативата во петок да не пазарува во маркетите. Вакви акции се најавени и во Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Граѓаните сметаат дека цените на основните прехрамбени производи се превисоки и постојано растат, а ионака нискиот стандард на Македонецот не може да ги следи поскапувањата. Бојкот на маркетите е најавен во сите градови во земјата, вклучително и Охрид.
Најавениот бојкот на маркетите доби поддршка и од власта и од опозицијата, како и од синдикатите, Организацијата на потрошувачи на Македонија и коморите. Иако експертите се поделени околу ефектите што ќе бидат постигнати, на најавениот бојкот се гледа позитивно затоа што темата за високите цени се издигнува високо, за што говори и најавата на властите дека ќе спроведат опширни инспекциски надзори во трговијата.
Најновите статистички податоци покажуваат дека трошоците на живот во 2024 година во однос на 2023 година бележат пораст од 3,5 проценти, а цените на мало од 3,8 проценти.
Податоците, пак, на Сојузот на синдикати на Македонија покажуваат дека минималните трошоци на едно четиричлено семејство во јануари се зголемени за околу 400 денари во однос на декември, а во делот на храната и пијалоците има зголемување за 123 денари. Вредноста на синдикалната минимална кошница за месец јануари 2025 година изнесува 63 252,00 денари, а просечната нето плата во ноември 41.999 денари. Синдикатот бара зголемување на минималната плата на 500 евра а смета дека се потребни и други мерки од страна на Владата за да се заштити животниот стандард на граѓаните.
Г.М.