Марјан Забрчанец, извршниот директор на МОФ, рече дека говорот на омразата на интернет е нешто кое не може редовно да се контролира, ниту пак, да се ограничи.
„На интернет секој може да го искаже своето мислење, а притоа и да го сокрие својот идентитет. Точно е дека пропагандата против слободата на говорот и нејзината злоупотреба секогаш ќе постои и тоа никој не може да го спречи. Интернетот е огледало на општеството во кое живееме, но често се случуваат и злоупотреби, рече Забрчанец.
Сеад Џигад, рече дека слободата на говорот е до онаа граница каде почнува да се нарушува достоинството, угледот и реномето на соговорникот или на одредена малцинска група. Тој додаде дека говорот на омразата е секогаш во борба со толеранцијата, но дека за него нема место за толеранција.
„Говорот на омраза се развива во неколку степени. Започнува со исмевање, а потоа следат и останатите фази како омаловажување, навреда, етикетирање, дискриминирање, дехуманизација и сатанизација, за на крај да се дојде до последната фаза, а тоа е физичкото насилство“, рече Џигад.Тој додаде дека луѓето денеска интернетот го користат како издувен вентил да го искажат своето мислење преку говорот на омразата.
Роберто Беличанец, пак, рече дека технологијата е неутрална и дека ние самите додавајќи ги своите мани, доблести и фрустрации го креираме говорот на омразата, но додаде дека за говорот на омразата виновни се и традиционалните медиуми кои на благ начин го користат, а потоа неговата посилна примена продолжува на интернет.
„Традиционалните медиуми го водат орото на говорот на омраза и ги создаваат стереотипите. Потоа населението само се мобилизира, преку групи на Фејсбук, Твитер, Блогови и го зајакнуваат тој говор на омраза. Овој говор е насилство и на него се одговара со иста мерка. Случаи каде говорот на омраза прерасна во насилство се тепачката на плоштадот за изградба на црква, како и онаа на комитите во Нерези. Говорот на омраза е гној кој е подобро да излезе во сајбер просторот, отколку како крв по улиците“, рече Беличанец.
извор:„Макфакс“