Охриѓанецот Гоце Мојсоски и кумановчанката Матеја Ефремоска под името на „Фит Форм“ центарот ќе настапат на Купот на Македонија кој ќе се одржи на 21 април во Битола во организација на на Боди билдинг и фитнес федерацијата на Македонија и Боди билдинг клубот „Паљо“.
– После петгодишна пауза одлучив да се активирам и уште еднаш да си ги одмерам силите со конкурентите во мојата категорија до 80 килограми. Идејата за повторно активирање ми дојде во САД гледајќи ги другите околу мене како вежбаат, а мотивите ги црпам од мојата најголема љубов и моето најголема богаство ќерка ми . Во САД не само што ја вратив формата, туку ги надминав своите очекувањата и затоа со уште пожестоко темпо почнав да тренирам и да се подготвувам за Купот на Македонија. – изјави Гоце Мојсоски.
Купот на Македонија треба да биде загревање за Мојсоски кој во мај месец два пати ќе патува за Шпанија, а еднаш ќе се натпреварува во Белград.
Успешната македонска атлетичарка Матеја Ефремовска ќе биде една од неколкуте девојки кои ќе борат за првата позиција во „велнес“ категоријата.
– Случајно испадна да се пријавам за учество во Купот на Македонија во фитнес. Кога дојдов во Охрид на Државното првенство во атлетика се сретнав со Гоце со кој порано тренирав и тој ми предолжи да бидам дел од фитнес натпреварот. Без размислување прифатив и за сега добро ми оди, а успешноста од атлетиката сакам да ја преточам и во мојата нова љубов. – рече Ефремовска и додаде – Јас и во текот на подготовките за фитнес и боди билдинг натпреварот продолжив да тренирам атлетика и сакам јавно да му се заблагодарам на мојот тренер Филип Колевски за разбирањето и за десетгодишната работа со мене.
Последните седум дена во подготовките Мојсоски и Ефемовска ќе ги искористат за одмор и за полнење на батериите, бидејќи се потребни за денот на самиот настан.
Мх.П.