Ракометарите на Охрид со триумф ја завршија 2016 година, откако во 14-та рунда од Супер лигата го совладаа тимот на Вардар Јуниор со 31-27 (14-12). Со оваа победа РК Охрид е пред вратите на плејофот, втора година по ред, кој носи дуели со престижни противници како што се редовните учесници во Лигата на шампионите Вардар и Металург.
Пулените на Горан Андоновски забележаа четири победи во исто толку мечеви сезонава со екипи кои домашните натпревари ги играат во Скопје.
На списокот од охридските „гладијатори“ покрај „црвено црните“ јуниори се најдоа екипите на Металург 2, Работнички и Тинекс Пролет.
Вардар Јуниор конкурентен тим беше во првиот дел, додека охриѓани во второто полувреме комплетно доминираа и заслужено запишаа нови бодови на своето конто.
Со десеттиот триумф во 14-от натпревар, Охрид, 2016 година ќе ја заврши на втората позиција на табелата со три бодови помалку од битолски Пелистер.
Токму „еден два“ пресметката меѓу Охрид и Пелистер во „Билјанини Извори“ ќе означи почеток на ракометните возбудувуња во пролетниот дел од Супер лигата.
Фото: 24ракомет.мк
OhridNews