Туристите се враќаат во голем број во Охрид. Освен странски гости кои аранжмански престојуваат во градот, зголемен е и бројот на гости кои доаѓаат во рамки на балканските тури, откако по случувањата во Куманово, како што информираа дел хотелиерите и угостителите, имало извесен број на откажувања.
Странските туристи се информирани за актуелните случувања во земјата и се интересираат за безбедносната состојба, велат туристичките водичи.
–Бомбардирани сме, прашуваат зошто, како, кои се од едната страна, кои од другата… Мораме кратко и концизно да им одговориме. Гледаме да избегнуваме такви прашања, сепак информирани се.– вели Климент Наумов од здружението на туристички водичи „Кеј“ – Охрид.
Туристичките работници апелираат што поскоро да се надминат политичките проблеми во земјата, за да не се одразат на претстојната сезона.
-Сега е моментот кога Охрид живее за и од туризмот и се прават пари за зимскиот период. Охриѓани со душа чекаат да дојде лето и да можат да заработат за цела година. Упатувам апел до сите граѓани да се воздржат, да ја надминеме оваа состојба. Се работи за политичка игра која мора веднаш да прекине и да мислиме на нашата иднина.-додаде Наумов.
Туристите кои денеска ги затекнавме низ Охрид, уживаа во прошетките низ стариот дел на градот и вкусната македонска храна во рестораните, кои беа полни со гости.
Во Охрид викендов туристи има од сите страни на светот. Воодушевени се од понудата на градот и велат дека се чувствуваат прекрасно
–Тука сум трет пат, водам група туристи од Кореа. Мислам дека ова е најубавото место на Балканот. Кога дојдов прв пат тука реков: О боже! Ова е најсветото место на Балканот. –рече туристички водич од Јужна Кореа.
-Прв пат сум тука. Многу е убаво, посебно времето. Посебно импресивно изгледа стариот дел на градот, прекрасна земја. Ние сме група од 50 туристи од Холандија, се е во најдобар ред, хотелското сместување е одлично, храната исто така, што друго ни треба. -додаде турист од Холандија.
Македонското министерство за надворешни работи, во насока на смирување на сотојбите и амортизирање на негативните последици од актуелната состојба во земјата, на својата веб страница објави соопштение во кое се посочува дека Македонија е безбедна земја за патување, како и дека инцидентот со терористичката група во Куманово е завршен. Сепак во повеќе држави се уште на сила се препораки за воздржување или претпазливост при патување во Македонија, што ја загрижува локалната заедница. Поради тоа Општината и туристичките работници во градот најавија реализација на медиумска кампања за запознавање на пошироката јавност со реалната состојба во државата и Охрид, во која тој ќе биде претставен како атрактивна и безбедна туристичка дестинација. Исто така се размислува да се поканат странските дипломатски претставници да го посетат Охрид за да ја согледаат целосната состојба во градот од сите аспекти, со цел да им се предочи дека градот е максимално безбеден и подготвен да ги пречека и угости сите туристи.
Г.М.