Организирани групи и индивидуални гости од Грција, Бугарија, Србија и Албанија се очекува да престојуваат во Охрид за време на претстојниот велигденски викенд. Според охридските туристички работници освен гостите од соседството, велигденските празници во нашиот најголем туристички центар ќе ги поминат и голем број домашни туристи.
–Како и минатите години така и оваа година, Охрид е интересно место за прослава на велигденските празници. Резервациите кои ги имаме се однесуваат на индивидуални гости од Бугарија и Грција, но според најавите очекуваме и голем број домашни гости, информираат од хотелот „Гарден“.
Одговорните за резервации во хотелот „Чинго“ велат дека поголемиот дел од сместувачкиот капацитет веќе им е исполнет.
-Имаме групни резервации од Бугарија и Србија, како и на една туристичка група на гости од Турција, кои во текот на годинешниов пролетен период организирано доаѓаат во Охрид, велат од хотел „Чинго“.
Од хотелот „Тино“ информираат дека во моментов имаат туристи од Данска кои ќе престојуваат во Охрид околу 20 дена, а за велигденскиот викенд најголем број на гости очекуваат од Албанија и Македонија.
Од останатите хотели на крајбрежјето добивме информации дека по празничниот викенд и на почетокот од мај се очекува да пристигнат поголемите групи на странски гости од Холандија, како и од други Европски земји.
Исто како и лани, за празникот Велигден, охридските станоиздавачи нудат пристапни цени за сместување. Според она што може да се види на интернет огласите, цената за изнајмување на кревет во приватното сместување, се движи од 300 до 400 денари, додека пак комплетно уредените апартмани се издаваат од 1.000 до 3.000 денари по вечер.
-Веќе неколку години наназад нудиме намалени цени во овој период од годината, со цел да се привлечат повеќе гости. Според најавите, оваа година во приватното сместување за Велигден најбројни ќе бидат гостите од Србија, Бугарија и од Скопје, вели охридски станоиздавач кој има апартмани во центарот на градот.
Според него, доколку временските услови бидат поволни, поголем број на гости на Охридската ривиера се очекуваат за првомајскиот викенд.
Е.М