Да се биде во криза , гледам е модерно: политичка криза-ни збор повеќе за оваа, финансиска криза-колку повеќе имаат повеќе им фали, емотивна криза – среќата со пари не се купува, сексуална криза – како последица на сите претходни… секој за нешто кризира, барем од овие што се вбројуваат во “нормални”, секако дека постојат и дел “забегани” кои не ги тресат модерните трендови и уште велат “бериќат, не е лошо”.

Во големото множество “трендовски кризи” спаѓа и угостителството кое покрај за се друго кризира и за келнери – келнери нема! Мислам, баш чудно да нема келнери на такви прекрасни услови што се нудат во поголемиот дел од угостителските објекти за оваа работна позиција: дневницата можe да ти служи како скромен џепаралак дури да ја земиш наредната, бакшиш ако лапниш ќе си одиш со такси после работа ко господин а со бурекот комотно ќе си земиш и јогурт, оброк можно е да добиеш ама не ко ќе ти се јаде оти нели нема кој да те замени, се знае кога почнуваш, ама ќе завршиш ко ќе го испратиш последниот боем…едвај! Не помислувајте да отвораме дискусија за бонуси или награди-во оваа професија бонус е да добиеш слободен ден за празник, а награда е ако во текот на твојата смена не се погоди ни еден намќор што ќе ти ја “истури бозата” ни крив ни должен.

Да не бидиме материјалисти, има и поинакви придобивки од келнерувањето, се стекнуваш со таква школа што нема како поинаку да ја научиш – студираш кафанска психологија, специфична гранка … Во неколку важни лекции ќе научиш дека колку е гостинот понафуран, толку повеќе пати за внимание и верувале или не за љубов, таквиот убиј го со насмевки.

Ќе научиш дека оние што се најгласни на маса со другарите, обично најтивки се кога се со жените. Како се однесува напуштен маж, како изневерена жена… која мака со кој алкохол се лечи, кога треба да бидиш со сила глуп за гостинот да испадне паметен, бидејќи во цената на пијалокот е вкалкулирана и таква услуга …ако не знаевте.

Никогаш да не покажеш дека те навредил коментар од типот “за ништо не го/ја бива” намерно кажан погласно за да го слушниш, не е страшно келнер да не го бива, а и не треба да си многу паметен за да процениш дали го бива, познавам доктори што не ги бива па се полни со себеси и си играат со човечки животи, тешко е нив да ги провалиме навреме.

Значи, ем работиш, ем студираш психологија, никако не можиш да си во зијан. Ако се земе предвид и фактот дека во таква институција како што е кафана, имаш реално големи шанси да запознаеш добри луѓе и пријатели, па дури и големи љубови, победник си ти, господинот Келнер. Победник си зошто толку си способен да балансираш меѓу две пијани друштва, меѓу газдата што не дава ништо гратис и гостите што упорно бараат “нешто од куќата”, меѓу музиката што си има репертоар и некој што бара “една песна за мене, речи му брааат”, иако и тебе не ти е денот, иако и тебе некогаш ти се плаче а можиш и успеваш да монтираш насмевка и да ја носиш вешто до фајронт. Победник си зошто само во кафана еден ист човек можиш да го набљудуваш во сите можни расположенија- озбилен, неозбилен, пијан,т резен, весел, тажен, неважен, важен… Победник си оти имаш емпатија за гостите, па сочувствуваш со нивната тага или наздравуваш за нивната среќа. Победник си затоа што си видел многу нешта, а не си издал никого и ја гледаш благодарноста во очите на оној кој можел да изгори ако ти проговориш.

Се додека “келнер” e потценета професија, угостителството ќе биде во криза и нека е, а тој што е добар келнер знае дека потценува само искомплексирана и исфрустрирана личност. Добар келнер секој ден дели многу повеќе љубов и позитивни вибрации од сите што се на ценети професии заедно. Биди му некому причина да се насмее со утринското кафе, биди му некому оној што со поглед го разбира , биди му ликот што прв му излегува пред очи кога ке се спомни матичната кафана, биди добар човек, па колку и да ти е мака што ете “не работиш на струката” ама пак си стварно ….добар келнер.

Марика

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите