Издавачката куќа „Матица македонска“ деновиве ја објави најновата, триесет и шеста по ред стихозбирка на Ристо Лазаров, под необичен наслов „Господ во бели патики“.

Како и последните десетина негови книги и оваа содржи седум циклуси по седум песни плус една во вид на пролог.

Како исклучително динамичен и луциден дух, Ристо Лазаров сака да живее во склад со пулсот на своето време, сака да биде ангажиран автор (во сартровска смисла). И успева во тоа. Во текот на своите седум и пол децении животна авантура, овој наш реномиран поет ја исцртува сопствената поетска траекторија во духот на времето, од збирката првенец „Ноќна птица во паркот“ (1972), до најновата, триесет и шеста објава „Господ во бели патики“ (2024). Поезијата на Лазаров се соочува, одлучно и непоколебливо, остроумно и критички, со сите историски и актуелни цивилизациски подеми и падови, со националните и универзалните неправди и порази, како на пример, преку мемориската матрица за „гасните комори на Аушвиц“(„Црна песна“) или преку евоцираната судбина на Македонија со векови/претоварена со жални песни/и стрвни крлежи („Крлежи“), но исто така и преку реминисценциите за раскошната „водена вселе- на“ наречена Титаник со која потонал стариот век додека величествено свирел бродскиот оркестар („Јарбол“) или преку пророчките визии за „новата апокалипса“ која подмолно ги тресе / нашите и светските плоштади, а која е проследена со првите тактови / на Бетовеновата Хероика („Апокалипса“), вели во поговорот кон оваа книга, реномираната есеистка, професорката Лидија Капушевска -Дракулевска.

Додава дека сеедно дали гледа во ретровизорот наназад – во историјата како прав / измешан со отров за глувци, „скриена ножица“ за кастрење на старите корени, но и луксузен салон („Отров за глувци“) – или пак кореспондира со виртуелната реалност – Цели народи на светов и веков / летаат на вештачки волшебни килимчиња (‘Волшебни килимчиња’) – поетот го крева својот глас во име на универзалните хуманистички вредности.

OhridNews