Со торта и госпел музика изведена од „ Howard Gospel“ хорот, на терасата Аквариус денес беше прославен 55- тиот роденден на фестивалот Охридско лето. Како што истакна директорката Елизабета Јанкуловска, чест е да се биде дел од тимот што го подготвува и реализира јубилејното фестивалско издание, во име на сите кои ја граделе успешната историја на фестивалот.
– Почнувајќи со сценското отварање со Кармина Бурана па до денес реализиравме 30 настани за кои сме сигурни дека долго ќе се паметат. Секоја вечер беше посебно убава, различна и многу посетена со прекрасни гости уметници и уникатна програма при што не посетија над 10.000 посетители. Можеме да се пофалиме дека оваа година фестивалските вечери беа многу посетени од странската публика со што спојот на културата и туризмот покажаа дека можат да се добра основа за заеднички проекти и промоција како на фестивалот така и на градот, рече Јанкуловска.
Музичкиот селектор на фестивалот, Гордана Јосифова – Неделковска потенцира дека во текот на 55- те години фестивалот Охридско лето ги достигнал највисоките врвови на светската музичка елита .
– Она што е важно е дека покрај светските музички имиња кои секојдневно настапуваат имаме и неколку содржини кои се наменети за пошироката публика. 4 август изминатите години е симбол за концерт кој долго се памети. Годинава тоа е настапот на „ Howard Gospel“ , исклучително атрактивен хор кој се надеваме дека вечерва ќе направи уникатно музичко доживување со оглед на тоа што досега во фестивалските содржини не сме имале ваков хор со госпел музика , кои негуваат традиционална но и современа музика,рече Неделковска.
Од Howard Gospel хорот велат дека се особено возбудени што за прв пат ќе настапат во Македонија.
– Ќе имаме комбинација од три различни водови госпел музика, традиционална, модерна и спиритуална госпел музика. Се надеваме дека ќе уживате вечерва зашто ние сме многу среќни што настапуваме токму овде, изјави еден од уметничките директори на хорот, Вилијам Тејлор.
Концертот на „ Howard Gospel“ хорот ќе се одржи на Античкиот театар со почеток во 21 часот.
Т.К.