Охридските кошаркари и по шест одиграни мечеви во Втората АБА лига немаат победа. Нов пораз „галебите“ претрпеа на гостувањето во Белград кај составот на Динамик (102-69) иако добро парираа скоро три четвртини.
– Им честитам на домашните кошаркари за заслужената победа. Исто така им посакувам добри резултати и да ги остварат своите амбиции во оваа Втора АБА лига. Ние пруживме отпор во првите две и половина од третата четвртина. Главната причина за нашиот пад во играта беа фаулите на нашите високи играчи и нереализираните шутеви – истакна асистентот на Петар Чочороски, Владимир Ѓоровиќ.
Бугарскиот интернационалец Станислас Цонков смета дека првиот дел треба да биде репер за понатамошните мечеви во АБА лигата. – Одигравме супер прво полувреме, а исто така почнавме и во второто, но повредата на Рос Милер ни ја намали ротацијата и домаќините тоа максимално го искористија. Нема што да жалиме и да се навраќаме назад, бидејќи секој следен натпревар за нас е нова шанса за победа и искуство. – истакна Цонков.
Во текот на мечот покрај Рос Кенет охридскиот состав го загуби и Реми Бери кој направи два неспортски фаули. Охриѓани викендов им се враќаат на обврските во Првата лига и ќе се судрат со Блокотехна.
OhridNews