Еколошки инцидент се случи попладнево, кога поголема количина гориво се излеа во водите на Охридското Езеро кај градскиот кеј. Маслената дамка се протегаше во должина на целиот кеј од каде се ширеше непријатна миризба.


По пријава на граѓани на местото на настанот излегоа претставници на Комуналната инспекција, екипи на МЈП „Проаква“, на Министерството за животна средина и просторно планирање  како и Државниот инспектор за животната средина Зоран Димовски кој допатува од Битола.

-Ова е уште еден инцидент кој го отсликува односот кој го имаме кон животната средина. Надлежните инспекциски органи на општината и државата се на терен и работат на утврдување од каде е дојдено ова загадување. Очекуваме сторителот да се пронајде и најостро да се казни,
изјави за OhridNews, Дејан Пановски од Министерството за животна средина.

Според првичните  информации од истрагата горивото било испуштено во канализационата мрежа во која биле пронајдени траги од деривати, а поради обилните врнежи непречистените атмосферски води завршија директно во Езерото.

-Земени се проби за анализи кои треба да покажат за какво загадување се работи и од колкав обем, истакна Пановски, нагласувајќи дека согласно законските прописи за загадување на заштитени подрачја покрај парична се предвидува и казна затвор.

Г. Момироски