Еколошки инцидент се случи попладнево во каналот „Студенчишта“. Поголема количина гориво, најверојатно од некој од бројните пловни објекти закотвени таму, или при несоодветно танкирање од страна на несовесни граѓани, заврши во водите на каналот кој се влева во Охридското Езеро. Гривото плива на површината, а ветрот и струјата го носат низ каналот.

За жал, не е прв пат гориво да се истура во каналот Студенчишта, кој е природно зимувалиште на плашицата и други видови риба и во кој се влеваат Билјанините извори. Но, за тоа до сега никој не е казнет. Со години,  децении, ова место служи за закотвување, но и за поправка и изградба на пловни објекти. Тука како отпад завршуваат и нефункционални пловила.

Последниот инцидент уште еднаш го отвора прашањето за (не)грижата за животната средина, но и за недостатокот од инфраструктура на се пооптовареното со пловни објекти Охридско Езеро. Најголемиот дел од нив користат стари мотори со внатрешно согорување, кои освен што загадуваат произведуваат и голема бучава.

Од Капетанијата на пристаништата неодамна најавија дека со новите законски измени кои се во процедура ќе се лимитира увозот на стари пловни објекти и ќе се подигнат еколошките стандарди во внатрешната пловидба.

Г.М.