Пожар попладнево изби во Дебело поле, охридско. Иако на сила е полициски час, претпоставките се дека пожарот бил предизвикан од неодговорен граѓанин при палење трска. Огнот брзо и некотролирано се проширил и зафатил поголема површина во средината на полето. Чадот и пламените јазици можеа да се забележат од градот и околината, што предизвика вознемиреност кај граѓаните.

Од Професионалната противпожарна единица – Охрид, информитраат дека пожарот е под контрола.

Интервениравме со три противпожарни возила и 12 пожарникари. Тие го држат огнот под целосна контрола и нема опасност од негово проширување, а со тоа и загрозување на околните населби. – истакнаа од охридската противпожарна единица.

Не е прв пат да биде опожарено Дебело поле во овој период од годината, а речиси редовно причина е човечки фактор.

Минатата година беше рекордна во негативна смисла по бројот на пожари во првиот квартал, над 200, кои во најголем дел беа предизвикани од палење стрништа. За разлика од лани оваа година во истиот период има незначителен број на интервенции по тој основ.

Г.М.