Во денешниот голем пожар на охридското крајбрежје кај „Андон Дуков“ изгоре површина од над 10.000 метри квадратни. Пламените јазици уништија бараки, шупи, трска, голем број дрвја, обработливи површини.
Од охридската Противпожарна служба неколку часа се бореа со огнената стихија, која беше тешко да се контролира поради ветрот.
- По дојавата веднаш излеговме со 4 возила и 12 пожарникари. Апелираме до сите несовесни граѓани да престанат да ги палат пожарите. До денес имаме реализирано околу 190 интервенции, за разлика од минатите години кога сме имале од 50 до 60, вели Љупчо Ѓурчиноски од ТППЕ Охрид.
Ѓурчиноски информира дека најголемиот број пожари се шумски во општина Дебрца, каде се уништени големи површини.
- Имаме помош од шумското претпријатие, мештаните, но сето тоа е малку, се опожарија и соголија шумите. Укажуваме и до СВР и до локалната самоуправа дека има намерно предизвикување пожари, затоа апелираме да се преземат чекори, да се санкционира и заштити вегетацијата и шумите, нагласува Ѓурчиноски.
Според него во превенцијата и спречувањето на пожарите, би помогнале и полициски патроли кои би вршеле надгледување на теренот.
OhridNews