Илчо Ѓоргиоски едногласно беше реизбран за претседател на Фудбалската федерација на Македонија. Но, на генералното собрание во Охрид најголемо внимение привлече намалувањето на Првата, Втората и Третата македонска фудбалска лига. Одлуката беше донесена со мнозинство гласови, а само еден преставник од делегатите беше воздржан.

–  Сите знаеме, кој е квалитетот на македонскиот фудбал. Во Македонија немаме доволен број на клубови кои можат  финансиски да го подигнат нивото затоа и следеше предлогот за реформите во системот на натпреварување. Тој треба да ни донесе значително подобрување на квалитетот во македонскиот фудбал. Резултатите од новите реформи не ги очекувам за брзо него за три или четири сезони – смета Ѓоргиоски.

Реформите во ФФМ за намалувањето на лигите не одат во прилог на охридскиот фудбал, кој минатата сезона го допре дното и следната бубамарата се поизвесно е дека нема да се тркала на стадионот.

За враќање на фудбалскиот сјај во Охрид (ќе) треба да почне одново. Прво можеби и најосновно треба некој финансиер, кој целосно ќе застане позади охридскиот фудбал и безрезервно да дава поддршка, а потоа да се размислува за надополнување на другите недостатоци.

Мх.П.