Професорот Ѓорѓе Ивнов, кандидат на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ , неофицијално е нов претседател на Република Македонија. Според невладината организација МОСТ цензусот на претседателските избори е исполнет, бидејќи неофицијално на изборите излегле околу 43% од избирачите, иако поради статистичка грешка можна е корекција на овој податок. Иванов доколку се потврдат резултатите од изборите во кои доби преку 400 000 гласа, ќе ја води државата во наредните 5 години.
– Сакам да упатам благодарност до граѓаните на Македонија затоа што покажаа дека можеме да спроведеме европски избори, мирни, демократски, без никакво насилство кои покажаа дека можеме да ги отвориме европските перспективи. Ова го изјави Ѓорѓе Иванов, на првата прес конференција доцна ноќеска.
Иванов, како и лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски искажа мала воздржаност во првото обраќање до јавноста, поради дилемата околу цензусот на претседателските избори.
– Иако не се добиени официјалните резултати од Државната изборна комисија, станува збор за над 400 000 граѓани кои ми дадоа доверба за да ја преземам обврската за европска Македонија, без визи и членка на НАТО. Приоритет ќе ми биде и решавањето на спорот за името. За тие три приоритети, ЕУ, НАТО и решавањето на спорот за името, повторно ќе ја имам вашата поддршка и ќе успееме да ги пребродиме сите предизвици, рече Иванов.