На свечена седница во Собранието, денеска ќе биде инаугуриран четвртиот претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
Новоизбраниот претседател пред зградата на Собранието ќе биде пречекан од шефот на државата на заминување, Бранко Црвенковски и почесната гарда на АРМ. Инаугурацијата ќе започне точно напладне со интонирање на македонската химна по што Иванов ќе даде свечена заклетва и ќе го има своето прво обраќање до нацијата.
На инаугурацијата на новиот претседател покрај премиерот Никола Груевски и неговиот кабинет, ќе присуствуваат претстaвници на МАНУ, верските заедници, судството и други државни институции, како и претставници на дипломатскиот кор. На свеченоста ќе присуствуваат и претседателите на Хрватска Стипе Месиќ, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Србија Борис Тадиќ и на Албанија Бамир Топи. Голема прашина деновиве се дигна околу тоа дали за свечената собраниска седница покана добил косовскиот претседател Фатмир Сејдиу, кој по се изгледа нема да присуствува на инаугурацијата на Иванов. Поради тоа дел од партиите на албанците во Македонија најавија бојкот на свечената седница на Парламентот. Евроамбасадорот Ерван Фуере им порача на партиите дека е добро денеска да бидат во Парламентот со што ќе покажат политичка зрелост.
Ѓорге Иванов е роден 1960 година во Валандово каде завршил основно и средно образование. Во 1982 година дипломирал на Правниот факултет во Скопје, каде во 1998 година се стекнал со звање доктор на науки. За шеф на државата беше избран со убедлива победа на претседателските избори на кои Иванов беше кандидат на ВМРО ДПМНЕ.
Иванов функцијата ќе ја извршува во новата резиденција „Анекс“ на Водно, а првото кафе по стапувањето на должноста ќе го испие со претседателот на заминување, Бранко Црвенковски.
Прв претседател на самостојна Република Македонија беше Киро Глигоров кој функцијата ја извршуваше од 1991 до 1999 година. Него го наследи претседателот Борис Трајковски кој трагично загина во авионска несреќа кај Мостар во 2004 година. Бранко Црвенковски беше третиот претседател на Република Македонија. Тој по завршувањето на петгодишниот мандат повторно не се кандидираше на што според Уставот имаше право, а на изборите што завршија со вториот круг на 5 април за четврти претседател на државата со околу 450.000 гласови беше избран Ѓорѓе Иванов.