Само три дена по освојувањето на второто место и обезбедување на директен пласман во Првата македонска фудбалска лига, стратегот на “рибарите“ Зоран Ѓорески – Џајо го напушти ФК Охрид.


Ѓорески подолго време не бил задоволен од односите на релација Управа – тренер – играчи , а кулминирале по вчерашниот меч во општинскиот фудбалски куп, кој Охрид го загуби од Охрид Лоте со 2-1.


– Заминувам. Различните погледи и визија за развојот на клубот со Управата ме натераа на ваков потег. На ФК Охрид и на играчите им посакувам се најдобро во нивните понатамошни кариери,  им благодарам за што направија за мене и за клубот во оваа година. Сметам дека направивме огромен успех со пласманот во Првата лига, но за да функционираат работите онака како што треба потребен е голем рез и реорганизација. Јас немам сили, а ни желба повторно да минувам низ оваа голгота – вели Ѓорески, кој како играч настапуваше во Охрид во првата лига, но по се изгледа нема да го води Охрид низ елитата.

Оставката на Ѓорески доаѓа веднаш по завршувањето на првенството, а сега на потег е Управата која треба да го реши тренерското прашање и да ги постави темелите за еден сигурен прволигаш.

Паузата која следи е добредојдена да се оладат страстите, играчите да се одморат по напорната сезона, а потоа да се види како понатаму.

М.П.