И ова лето жителите на охридското село Горенци се соочуваат со недостиг на вода. Прекините во водоснабдувањето се чести, особено деновиве. Причина е дефект на водоводниот систем, кој, како што истакнаа од општина Дебарца, конечно е лоциран.

-Деновиве во Горенци повторно имаше прекини во снабдувањето со вода, што се должи на стар дефект, на исто така старата водоводна мрежа, кој успеавме конечно да го лоцираме под магистралниот пат Охрид – Кичево. На терен се дежурни екипи засилени со механизација и очекуваме во текот на утрешниот ден дефектот да биде отстранет и водоснабдувањето во ова населено место да се нормализира.-информира градоначалникот на општина Дебарца Игор Трајкоски.

Проблеми со водоснабдувањето летово има и во други населени места во Дебарца. ЈП за комунална дејност „ Дебрца“ предупреди дека несоодветната и нерационална употреба на водата за наводнување предизвикува недостаток на вода, поради што претпријатието е принудено да воведе рестрикции во водоснабдувањето во населените места, а мерката ќе биде на сила се додека има недостиг на вода.

Реагираше опозциската СДСМ која побара да се преиспита воведувањето на рестрикција во водоснабдувањето, обвинувајќи ги властите дека немаат приоритет во решавањето на инфраструктурните проблеми.

Според најавите сончево и топло време ќе имаме и во наредниот период, што значи дека потребите, но и потрошувачката на вода ќе растат.

OhridNews