Јас тврдам дека ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани. Тоа значи на сите етнички групи, на сите членови на партиите, на оние кои не се во партиите, бидејќи не може ниту еден претседател да трага по единство, ако држи партиски линии, изјави кандидатката за претседателка, Гордана Силјановска Давкова.

На вечерашната прес-конференција во Централниот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ, Силјановска Давкова рече дека портите на, како што рече, „граѓанските позајмени канцеларии“ се отворени за сите.

Она што го ветив во предизборната кампања, почнувајќи од народните канцеларии, преку обраќањата до Парламентот, преку личностите во Судскиот совет, Уставниот суд и Советот за безбедност, дека ќе ги вршам врз основа на стручност, компетентност и нема да ја заборавам разноликоста, рече таа.

Како што дополни, мора да се обидеме да ставиме крај на балканизацијата, да помагаме едни на други, да бидеме политичари.

Затоа ние мораме да почнеме меѓусебе да се разбираме, да се помагаме, да не посегнуваме по вето, туку да посегаме по поддршка, рече таа, дополнувајќи дека нејзините патишта водат прво на Балканот, а, Брисел, како што дополни, е неизоставен.

Силјановска Давкова потенцираше дека ќе ги брани државните и националните интереси и упати честитка до граѓаните.

Зошто најголеми честитки за граѓаните? Покажаа граѓански имунитет. Граѓанска отпорност на притисоците. Оти да повикувате на бојкот е партиски и политички притисок. Да одите по домовите со списоци е исто така политички и партиски притисок. Значи, се одважија македонските граѓани без оглед на етничката, верската, социјалната и каква било положба да излезат стамено, достоинствено, стоечки и да го дадат гласот на оној на кој што сакаат, рече таа.

Според Силјановска Давкова, нема поголема промена од тоа за прв пат во нашата држава да има претседател жена.

Има ли поголема промена од таа за првпат во оваа државичка, држава, жена да стане претседател? Има ли поголема инспирација за умните жени – нема. И јас мислам дека со мене, држете ме до збор, кога ќе се опкружам со жени слични на мене, жени по моделот на Ватцлав Хавел, субверзивни, свои, стамени, кои умеат да изразат став на свој начин, на поинаков начин од машкиот, да го бранат тоа е некаков голем исчекор и тоа е за мене реформски чекор, потенцираше таа.

OhridNews

фото. МИА