Горан Станиќ е назначен за селектор на македонската репрезентација до 21 година, одлучи Управниот одбор на Фудбалска федерација на Македонија на седницата одржаба синоќа.

Станиќ е актуелен тренер на ФК Работнички кој е на делба на првото место по првиот дел од тековната сезона во МФЛ и поранешен селектор на младинските репрезентации до 17 и 19 години. На Европското првенство – ЕУРО 2020 беше дел од стручниот штаб во А репрезентацијата на Македонија.

Претходно од позицијата селектор во македонската репрезентација до 21 година, Управниот одбор на ФФМ го разреши Драги Канатларовски кој од 2021 година беше предводник на младинците. Низата лоши резултати на младинската селекција се главната причина за разрешувањето на Канатларовски, соопшти ФФМ.

Фудбалската федерација на Македонија му се заблагодарува на Драги Канатларовски за се што направи во текот на своето време во репрезентацијата и му посакуваме многу успех во иднина, стои во соопштението.

Управниот одбор на ФФМ донесе одлука за разрешување на селекторите на македонските младински репрезентации.

Вујадин Станојковиќ е разрешен од позицијата селектор на Македонија до 19 години, генерација – 2006. Под водство на Станојковиќ во 2024 година, Македонија не запиша победа во квалификациите. Оствари три победи на пријателски натпревари, три нерешени резултати и четири порази.

Раде Каранфиловски е разрешен од позиција селектор на Македонија до 17 години, генерација 2008. Три победи, десет порази и еден нерешен резултат во 2024 година.

Драган Начевски е разрешен од позиција селектор на Македонија до 16 години, генерација 2009. Три победи, шест порази и еден нерешен резултат на пријателски натпревари.

Исени Иљами е разрешен од позиција селектор на Македонија до 15 години, генерација 2010. Три победи и три порази на контролни натпревари во 2024 година.

Управниот одбор на ФФМ, единствено го продолжи договорот со селекторот на Македонија до 18 години, Ерхан Селими. Селими допрва го почнува мандатот на клупата на македонската селекција до 18 години. Досега нема собир со генерацијата 2007.

На 12. јануари 2025 година на предлог на Горан Пандев – директор на Национални репрезентации и Ѓорги Христов – технички директор, ќе бидат доставени предлог имиња за нови селектори на младинските репрезентации.

Управниот одбор на ФФМ донесе одлука за дополнување на единствената листа на контролори за 2025 година. Контролорската листа се дополнува со Александар Ставрев, Дејан Јакимовски, Дејан Костадинов, Јосип Бартон и Билјана Миланова. Миланова е ФИФА судија и за прв пат во македонскиот фудбал жена е во структурите на судиската организација.

Управниот одбор на ФФМ донесе одлука за нов судиски одбор составен од Александар Ставрев – претседател, Илир Сеља – заменик претседател, Димитар Мечкаровски – член, Дејан Јакимовски – член, Дејан Костадинов – член.

Назначени се нови стручни надворешни соработници во судискиот одбор: Јосип Бартон, Никола Караколев, Горан Спиркоски, Марјан Кировски, Благој Шуклев, Џенан Хајдари, Иса Емрули, Игор Ширилов, Зоранчо Темелков, Билјана Миланова, Зоранчо Илиевски и Бранко Манојлоски.

Формирана е Комисија за делегирање судии во состав: Јосип Бартон – претседател, Зоранчо Илиевски – член, Џенан Хајдари – член.

Формирана е Комисија за делегирање на контролори во состав: Никола Караколев – претседател, Бранко Манојлоски – член и Игор Ширилов – член.

Исто така формирана е и комисија за имплементација на ВАР систем: Дејан Јакимовски, Димитар Мечкаровски, Марјан Кировски, Горан Спиркоски, Јосип Бартон и Никола Караколев, како и Комисија за делегирање на женски фудбал: Илир Сеља – делегирање на судии и Билјана Миланова – делегирање на контролори.

Г.М.