Легендите живеат вечно! Оваа поговорка доби вистинска смисла откако Ракометниот клуб Струга предводен од Наумче Мојсоски го именуваше отвореното ракометно игралиште по струшката ракометна легенда „Горан Попоски-Бабец“. Популарниот Бабец кој играл на пикерската позиција е еден од најдобрите ракометари и се уште го има епитетот за ракометар со најмногу настапи за екипата на Струга.

  • Овој ракометен турнир е создаден по прерано почитаниот ракометар на РК Струга, Вангел Баљукоски-Баљук, почитувајќи ја таа традиција на струшките спортски работници и во консултација со управниот одбор на РК Струга, во чест на ракометарот кој има одиграно најмногу натпревари во дресот на РК Струга и е еден од најдобрите стрелци во историјата на РК Струга, бестрашниот пивотмен, младински и сениорски репрезентативец, голем љубител и поддржувач на спортот и ракометот, го именувам ова ракометно игралиште во чест на најголемата струшка ракометна легенда Горан Попоски-Бабец. – изјави Мојсоски.

Плакетата за името на новиот стадион ја прими синот на Горан Попоски, Јаков, кој искажа голема благодарност до Мојсоски, управата на клубот и сите стружани.

  • Сите луѓе се присетуваат на неговите успеси и настапи во дресот на Струга. Тој уште како дете го засакал клубот и целата играчка кариера и ја посвети на Струга. Имал понуди од други екипи, но никогаш не одлучил а не ни посакал да замине од родниот град. Многу ми е мило што теренот каде што се игра Меѓународниот турнир ќе го носи името на татко ми. – изјави Јаков Попоски.

Бабец како што го нарекуваат стружани животот го загубил во сообраќајна несреќа пред 13 години.

Новото име на стадинот денеска ќе го круниса шампионот на 47-от ракометен турнир во Струга. Во финалето силите ќе ги одмерат македонскиот состав Еурофарм Работник и грчки АЕК од Атина.

Мх.П.