Репрезентацијата на Македонија, утре (вторник) со почеток во 20 часот и 45 минути на Националната арена „Тодор Проевски“ против селекцијата на Израел ќе ги заврши мечевите во квалификациите за Европското првенство следната година. Императив на „црвено жолтите“ е победа и борба за третата позиција на табелата во групата што ќе претставува најдобар пласман на А репрезентацијата во историјата во квалификациите.
Одлично се познаваме со Израел, игравме и во минатите квалификации. Секој меч е посебен, но јасно е дека нивни главни адути се напаѓачите, пред сè Захави и Дабур. Нападот им е доста опасен, но како тим имаат и свои слабости, кои ние ќе се обидеме да ги искористиме. Кога игра репрезентацијата сакаме поддршка, на последните натпревари имавме полни трибини, а фудбалерите вратија на најдобар начин. Подготвени сме и мотивирани повторно да ги израдуваме повторно нашите навивачи. За нас не постои притисок за да го освоиме третото место, туку ние на таа шанса гледаме како мотив. Овие фудбалери за сето тоа што го покажаа во овие квалификации заслужија да завршат како трети. Ние одиме на победа, а колку ќе биде доволно ќе видиме – изјави селекторот Игор Ангеловски.
Повратник во селекцијата ќе биде Горан Пандев, кој натпреварот со Австрија во Виена го пропушти поради настинска.
Ова е последниот наш меч во овие квалификации и сакаме со победа да ги завршиме квалификациите и да се пласираме таму каде што никогаш досега не сме биле. Сакаме да бидеме трети. Игравме во овие квалификации во една неатрактивна, но тешка група и само против Австрија потфрливме, додека на останатите мечеви одигравме добро. Можеби можевме да освоиме и повеќе бодови, но решаваа нијанси. Не успеавме да стигнеме до тоа второ место за директен пласман на Евро 2020, па сега третото место би било добар резултат за нас во овие квалификации. Подготвен сум за дуелот со Израел, а дали ќе настапам зависи од селекторот. – истакна Пандев.
Македонија и Израел имаат идентичен број на бодови 11 и ја делат четвртата позиција на табелата. Победникот од средбата во Скопје сигурно ќе биде четврти а од исходот на Полска – Словенија ќе зависи напредокот на табелата.
OhridNews