„Црвено жолтите“ со победа над Израел (1-0) во Скопје ги заокружија квалификациите за Европското првенство следната година. Триумфот на А репрезентацијата ѝ донесе трето место што претставува најдобар пласман во историјата на едни квалификации. На континенталниот собир од нашата група патуваат Полска и Австрија.

  • Пред стартот на циклусот кажав дека Полска и Австрија се фаворити. Ние дојдовме до третото место, но ако севкупно гледаме на мечевите, не смееше да загубиме дома од Полска, не смееше да не победиме во Израел. Затоа што со тие бодови, можеше да има можност да играме на Европско првенство преку група од квалификациите. Третото место покажа дека оваа репрезентација е најдобра. Ништо не сме направиле со третото место, сега мора да се фокусираме на плеј-офот со Косово. – изјави селекторот Игор Ангеловски.

Капитенот во нашата репрезентација, Горан Пандев смета дека помладата генерација со помош од поискусните фудбалер може да обезбеди пласман на ЕП.

  • Одигравме еден одличен циклус, да ни понудеше некој дека ќе освоиме трето место, веднаш ќе прифатевме. Знаевме дека ќе мора да ги победиме фаворитите Полска и Австрија за да одиме на Европско првенство. Токму тие натпревари и поразите ни ги намалија шансите за пласман. Сега со нетрпение го очекуваме март и мислам дека заслужуваме да играме на Европско првенство. Оваа генерација може, се надеваме дека ќе ја израдуваме македонската јавност. Имаме долго време до натпреварот со Косово на кој мислам дека имаме големи шанси. Публиката ќе биде нашиот 12-ти играч. – додаде Пандев.

Во март следната година, Македонија во 1/2 финалето од баражот во Лигата на Нации ќе се сретне со Косово на домашен терен. Подобриот во финалето ќе ги одмери силите со победникот од вториот полуфинален дуел во кој ќе се сретнат Белорусија и Грузија.

OhridNews
Фото: Екипа.мк

Македонија со триумф и најдобар пласман ги заврши квалификациите за ЕП (видео)