Ракометниот стручњак Горан Андоновски, кој до скоро беше на чело на суперлигашот Тиквеш, се враќа во Охрид и го презема кормилото на Градскиот ракометен клуб.
Ова е враќање на Андоновски по три сезони во клубот каде претходно долги години ја извршуваше тренерската функција. Тој стави потпис на двегодишен договор, а негов помошник ќе биде Наум Бабачев, поранешен ракометар и долгогодишен тренер во младинските категории на ГРК Охрид.
Андоновски ќе има полни раце работа во составување на екипата за наредната сезона. ГРК Охрид, како што соопшти клубот, по завршување на сезоната го напуштија 11 ракометари по истек на договорот: Мице Шилегов, Филип Николов, Мартин Ивановски, Филип Кривокапиќ, Славчо Шулески, Мартин Манасков, Михајло Младеновиќ, Николче Ристески, Филип Грубор, Јагош Брауновиќ и Даниел Ацев. Клубот исто така го напушти и тренерот Радослав Стојановиќ.
ГРК Охрид најавува сериозни засилувања на екипата која во континуитет е учесник во плејофот на Супер лигата.
Г.М.